Средните дневни температури во мај се 16-18°С, односно мај е топол месец, но често знае да потфрли со студено, врнежпиво или ветровито време. Во овој месец пчелните друштва се многу активни, а матицата неси 1.500-2.000 јајца дневно, па друштвата трошат многу храна. Ова посебно важи за јаките друштва кои, ако снемаат храна, почнуваат да ги шмукаат ларвите, а нивните остатоци ги исфрлаат (тоа го прават прво со трутовските, а потоа и со пчелините ларви). Во ова време друштвата треба да имаат најмалку по 4-6 кд храна, а тоа е по една полна рамка со мед од двете страни кај Д.Б. сандаците и по 3-4 рамки со мед кај Л.Р. сандаците. При помалку храна пчелите можат да применат економија во исхраната и со тоа значително да го намалат леглото и да влезат во роева состојба. Пчеларот треба да го стимулира размножувањето на бројот на пчели, а да го спречува роевото расположение со проширување на просторот во кошницата. Со влегувањето на друштвото во роева состојба, матицата престанува да несе јајца, а пчелите прекратуваат со секаква активност чувајќи ја својата биолошка сила за новото живеалиште. Роевата состојба го доведува до слабеење друштвото во собирањето мед и производството на восок, па тоа често пати не може да обезбеди храна ни за себе.
До роева состојба доаѓа поради: ограниченост на матицата да несе јајца, слаба паша која одвај ги задоволува дневните потреби, содржина на многу млади неангажирани (безработни) пчели, а нивниот број секојдневно се зголемува, преголема загреаност во кошницата (слаба вентилација) и др. Сето ова ќе го спречиме со додавање на нови спратови, држење на млади матици во друштвото или применување на некои од начините за спречување на роењето, како што е на пример, пелетовиот метод.
Во мај е главната багремова паша која е многу кратка, трае 8-12 дена. За ова време друштвата треба да бидат снабдени со поголем број спратови, бидејќи пчелите можат да носат 8-12 кд нектар, а за негово сместување е потребен простор, бидејќи пчелите го распостилаат нектарот по сите ќелии да испарува, па не треба да го заборавиме правилото: ДЕНЕШНИОТ НЕКТАР ПЧЕЛИТЕ НЕ ГО МЕШААТ СО ВЧЕРАШНИОТ. Тие го собираат на едно место и го мешаат само зрелиот мед.
Не треба да дозволиме прегревање во кошницата, а за поголемо испарување треба да се отворени сите можни отвори. Во ова време се лачи многу восок и треба да гледаме да го искористиме до максимум. По главната багремова паша се јавува некој вакуум во пашата, па пчелите безделничат на полеталката собрани во грозд. Животниот век на пчелите во лето е многу краток и затоа секоја генерација треба максимално да ја искористиме благодарејќи на големата приспособливост на пчелите (по потреба, нектарособирачките да станат пчели-хранителки, а хранителките да станат нектарособирачки и повторно да ги активираат закржлавените жлезди). Производството на пчели е многу скапо и затоа тие треба да се искористат максимално.
Промашувањето на некоја главна паша треба да се искористи за создавање на јаки пчелни семејства за следната паша или за производство на роеви, со помош на прихранување и добивање на млеч и матици. Кон крајот на месецот може да се отпочне и со собирање на прополис. Во нашите краеви безделничењето на пчелите на полеталката од ливадската до сончогледовата паша треба да го искористиме и за добивање на пчелин отров кој е многу скап (околу 320 американски долари за грам суров отров во кристали).
Да не заборавиме, од пчеларството може да се живее, но треба да се има доволен број пчелни друштва, да се искористи се што дава природата и пчелите како свој производ, но треба да се има и добро разработена продажна мрежа – МАРКЕТИНГ.
No comments:
Post a Comment